Работна група формирана од Владата на Република Северна Македонија изработи прва нацрт верзија на Стратегиски план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион, што е во согласност со Одлуката (44 COM 7B.77) донесена на 44-та сесија на Комитетот на светско наследство одржана во Фужу, Кина (2021 година), информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Изработката на Стратегискиот план за рехабилитација на Охридскиот регион беше координирана со работната група од Република Албанија, со која заеднички се дефинираа стратегиските цели и Акцискиот План. За планскиот документ Стратегиски План за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион, Министерството за животна средина и просторно планирање донесе Одлука дека не е потребно да се спроведе стратегиска оцена на животната средина согласно член 65 од Законот за животна средина, велат во соопштението.
Додаваат дека нацрт верзијата на Стратегискиот план за рехабилитацијана природното и културното наследство на Охридскиот Регион, заедно со формуларите за определување на потребата од спроведување односно неспроведување на стратегиска оцена, се објавени на веб страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање и веб страницата на Министерството на култура.
Со цел ефективна консултација и вклучување на јавноста во наредниот период, согласно законските прописи ќе се организира и јавна расправа, во рамки на која ќе може исто така да земете учество и да ги изнесете вашите забелешки и дополнувања во однос на Нацрт верзијата на Стратегискиот план, потенцираат од Министерството.
Воедно информираат дека граѓаните своите мислења, предлози и забелешки по Нацрт верзијата на Стратегискиот план може да ги доставите на [email protected] и [email protected] заклучно со 25.11.2022 година.
OhridNews












