Како што информираат од Фондот за здравствено осигурување, изработени се 500.000 електронски здравствени картички, чие доставување се одвива непречено.

Во ноември минатата година биле дистрибуирани  околу 200.000 електронски здравствени картички за вработените од јавната и државна администрација и нивни членови.

 До крајот на минатата година се подготвуваа податоците за издавање и се изготвуваа електронските здравствени картички за неосигураните лица (невработените лица), кои во најголем дел се изработени и дистрибуирани во подрачните служби од каде осигурениците може да ги подигнат по доставен доказ за направена уплата за износот за електронски картички согласно правилникот за цена на чинење.

Оние осигуреници на Фондот, од категоријата на неосигурани лица кои немаа поднесено барање за издавање на електронска картичка или пак барањето не им беше целосно, истото може да го направат во периодот на пререгистрација на оваа категорија на здравствени осигуреници, која е во тек.

Во моментов за оваа категорија на осигуреници се изготвени околу 100.000 картички и истите осигуреници може да ги подигнат во подрачните служби. За оваа категорија на здравствени осигуреници (носители и нивни членови) дополнително се изработуваат околу 300.000 картички.

Согласно дефинираниот план на ФЗОМ и Министерството за здравство, приватните фирми за своите вработени и членови на нивните семејства може да поднесуваат барање за издавање на ЕЗК во било кое време и нивните барања се обработуваат и соодветно на тоа податоците се доставуваат за изработка на електронски здравствени картички.

Веднаш штом се изработат картичките се известуваат овластените лица да ги подигнат картичките за своите вработени по претходно докомплетирање на документите потребни за подигање на ЕЗК.

Барањата на пензионерите кои поднесоа барање за издавање на ЕЗК кај матичните лекари се доставени за изработка на електронски здравствени картички и согласно капацитетот на машината за печатење се изработуваат и доставуваат во подрачните служби на Фондот.

OhridNews
Makfaks