Добитник на „Златен венец“ за 2020 година, главната награда на „Струшките вечери на поезијата“, е израелскиот поет, романописец и есеист Амир Ор.

Израелскиот поет Амир Ор (фото „Википедија“

Според востановената традиција, оваа одлука се соопштува од Управниот одбор и Дирекцијата на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ на Свечена седница, што се одржува во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), но заради почитување на мерките за заштита од COVID-19, се ограничуваме на соопштение до медиумите, соопштија од СВП.

Амир Ор е интригантен автор, кој доаѓа и се надоврзува на една, исклучително богата, интригантна и влијателна книжевна и културна традиција, како што е хебрејската, која себеси постојано се градела низ вековите како своевиден палимпсест и синтеза на плодоносни гео-културни вкрстувања и разновидни творечки практики, вели во образложението на одлуката, проф. д-р Елизабета Шелева, претседател на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата.

Уште на прв поглед и читање, творештвото на Амир Ор плени со својата вибрантност и енергетски полнеж, непресушниот копнеж и радикалната потрага по новото и непознатото, извонредната сугестивност на лирската интонација, како и повеќеслојната симболика на античката митологија, што моќно ги проникнува овие, дијалошки обликувани стихови и молбени обраќања кон лирското Ти – кон Другиот/Другата. Поезијата на Амир Ор е впечатлива, приемчива, поезија која не му дозволува на читателот да остане рамнодушен, изобилно натопена со својот сочен, свеж, императивен јазик, со танцувачкиот динамичен ритам на стихот, со комплексните, емоционални и духовни немири, изнедрени „директно од бедрото. – истакнува Шелева.

Амир Ор е водечки израелски поет, писател и есеист, познат како главниот глас на новата генерација од светската книжевност. Автор е на 13 збирки поезија, од кои најнови се: Плен – избрани песни 1977-2013 (2013), Крилја (2015) и Дете (2018). Неговите песни се преведени на 50 јазици и биле објавени во поетски списанија, антологии и книжевни веб-страници, како и во 33 книги низ Европа, Америка и Азија. Негови романи се Песната на Тахира (2001), фиктивна епопеја во стихови, и Кралството, роман за животот на кралот Давид.

Ор е добитник на израелски и меѓународни поетски награди, како што се: писателската награда „Фулбрајт“ во 1993 г., признанието „Плејади“ во 2000 г. за неговиот „значаен придонес кон модерната светска поезија“, наградата „Бернстајн, „Премиерската награда за литература“ во 1996 г. и други.

Не можам да искажам колку возбуда и задоволство ми причини веста за добивањето на наградата Златен венец. Струга е преплетена во моето поетско патување над 20 години, откако мојата книга Давејќи се, дишам жива вода беше објавена во едицијата Плејади во 2000 година, долги години пред мојата избрана поезија да биде објавена на српски или бугарски јазик. Бев сведок преполн со восхит на овој годишен собир на истакнати претставници на нашата Меѓународна поетска република, кога Бонфоа, Транстромер и мојот пријател В. С. Мервин беа добитници на престижниот Златен венец на поезијата, и со враќањето тука во 2020 година како лауреат, чувствувам дека мојата работа е наградена заради тоа што овде се има слух и љубов за поезијата . Кога се враќам во Струга и Охрид, знам дека сум помеѓу луѓе кои читаат поезија, луѓе со префинет вкус за поезија, кои имаат потреба за почит кон уметноста на поезијата, луѓе кои ја разбираат нејзината длабока вредност и уникатно значење преполно со мудрост, убавина и дијалог, со мечта и креативност, како и со слободата индивидуално да размислуваме и да чувствуваме. – изјави Влауреатот Амир Ор.

Амир Ор е роден во Тел Авив, 1956 г. Неговите баба и дедо емигрирале од Полска во 1930-тите и пристигнале во Израел како ционистички пионери. Тој е потомок на прославена династија рабини, меѓу кои Елимелех од Лежајск и Раши, чие фамилијарно стебло се протега дури до кралот Давид.

Ор е национален координатор на проектот „Поети за мир“ поддржан од ОН, основач на Светското движење за поезија и на Европската асоцијација на програми за креативно пишување.

Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на годинешното издание на фестивалот, предвиден да се одржи од 26 до 31 август.

OhridNews