Интензивната соработка на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ од Охрид со израелски експерти и компании, денеска продолжи со предавање на угледниот израелски експерт  и директор на компанијата „Пенса“ Зохар Гиносар.


Тој  говореше за иновациите и иновативниот пристап при развојот на сите области од интерес, при што истакна дека искуствата од развојот во светот денес отвараат потреба од различен пристап при справувањето со речиси сите предизвици пред кои е отворено човештвото.

-Светот се повеќе се соочува со недостиг на ресурси, што наметнува алтернативни пристапи во развојот на сите области како енегетиката, земјоделстовото, природните богатства, и тоа на начин кој помалку негативно ќе влијае врз животната средина, односно производство што ќе троши помалку енергија, рече Гиносар.


Тој предложи повеќе идеи како Република Македонија да фати чекор развојните трендови во таа област, посочувајќи дека еден од главните ресурси што ги поседува Македонија е големиот потенцијал што го поседуваат кадрите од  Универзитетот за информатички науки и технологии во Охрид.

-Отворена е перспективата на студентите од оваа научна установа да станат IT експерти и информатички инженери кои ќе бидат носители на иновации, ќе генерираат идеи што потоа ќе ги претвараат во нови технологии, нагласи Гиносар, нудејќи израелска помош во трансформацијата на овој човечки потенцијал во нови генерации иноватори во сите области.


Ректорт на охридскиот Универзитет  Данчо Давчев истакна дека соработката со сродни образовни и истражувачки центри од целиот свет, е еден од приоритетите на научната установа. Тој информираше дека е остварена успешна соработка со „Норвич“ универзитетот од американската сојузна држава Вермонт, која се фокусира кон безбедноста на компјутерските мрежи и системи.

-Станува збор за успешно завршен тренинг остварен во овој семестар, а покажаните резултати отвараат изгледи дека соработката ќе продолжи и во иднина, истакна Давчев.


Според проректорот Устијана Речкоска Шикоска, соработката што оваа високообразовна институција ја воспоставува со еминентни експерти и научни установи во светот, е од исклучително значење како за Универзитетот, така и за студентите кои имаат можност да ги следат светските трендови и да се стекнат нови знаења.

OhridNews