
Според условите на конкурсот, кој ќе трае до 22 април, матурантите треба да подготват едноминутен видео клип, текст или фотографија на тема „Заедно за училишта без насилство“.
-Медиумскиот производ треба да прикаже примери за тоа што се презема за да имаме училиште без насилство или да предложи начин како да се спречи насилството меѓу средношколците во и надвор од училиштата. Производот треба да покаже дека сите членови на заедницата – ученици, професори, родители и институции, треба да работат заедно за да се создаде сеопфатен училишен пристап за решавање на проблемот со насилството меѓу средношколците, стои во објавата на конкурсот.
Целта на овој проект е да ги стимулира средношколците да ги искажат своите гледишта за надминување на насилството во училиштата.
– Сметаме дека проектот ќе ги стимулира средношколците, преку изработка на медиумски производи, да ги искажат своите гледишта за надминување на насилството во и надвор од училиштата, со што самите активно ќе се вклучат во процесот на промена на однесувањето во насока на зголемување на толеранцијата, избегнуавњето на насилството во решавање на конфликтните ситуации и создавањето позитивна и сигурна училишна средина, рече министерот за образование и наука Панче Кралев, на промоцијата на проектот.
Конкурост „Изрази се преку медиумите“ го реализира Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во соработка со Министерството за образование и наука, Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје и Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, а со поодршка на медиуми, компании и организации.












