Комесарот за натпреварување при Македонската кошаркарска федерација, Горан Трпушевски, ги изрече казните по повод инцидентот кој се случи по завршувањето на четвртфиналниот натпревар во кошаркарскиот Куп на Македонија, помеѓу екипите на Лирија и МЗТ, одигран во Сарај.

Лирија следните две натпревари како домаќин ќе ги одигра на оддалеченост од 100 километри од местото за кое е изречена казната. Лирија четири натпревари ќе игра без присуство на публика, а ќе плати и парична казна во висина од 30.000 денари. Одлуката Лирија може да ја обжали во рок од 72 часа, од денот на приемот на одлуката.


Инцидентите во Сарај ги осуди и  Македонската кошаркарска федерација. – Иако многупати во текот на оваа сезона апелиравме до клубовите да преземат поголема контрола и одговорност над своите навивачки групи, повторно бевме сведоци на вандализам, хулиганство и најлошо од се, изливи на национална и верска нетрпеливост. Оваа тензична атмосфера по завршувањето на натпреварот прерасна во дивјачки напади кои ја загрозија безбедноста на гостинските кошаркари и официјалните лица, напади спречени само благодарение на реакцијата на припадниците на МВР. Овие настани немаат никаква врска со кошарката, актерите на теренот и официјалните лица со ништо не придонесоа за ваквата атмосфера и инцидентите што се случија.

МКФ ќе ја преиспита одлуката на Здружението на прволигаши, првенствениот натпревар МЗТ Скопје – Работнички на 29 Јануари, да се одигра со присуство на двете навивачки групи, а директното решение ќе зависи од однесувањето на овие навивачки групи на претстојните Куп натпревари. МКФ драстично ќе го заостри критериумот за казни, особено за вакви и слични инциденти кон сите учесници и клубови, а оние клубови на чии натпревари ќе се случат и најмали инциденти, ќе бидат исклучени од натпреварувањата“, стои во соопштението на Македонската кошаркарска федерација.

“извор Макфакс“
Ohridnews