Наставничкиот совет при средното училиште Св. Климент Охридски, на вчера одржаниот состанок, со мнозинство гласови ги донесе казнените мерки за седумте ученици кои неодамна на екскурзија во Прага беа фатени како користат опојни дроги.

За тројца од учениците изгласана е педагошка мерка писмена опомена. Додека пак,  на останатите четворица изречена им е опомена пред исклучување.

Првиот човек на гимназијата, Наум Рилкоски, за OhridNews изјави дека одлуката на советот е донесена согласно законот за образование, односно за четворица од учениците е изречена максималната казна која е предвидена во законот.

– Иако дел од професорите сметаат дека во овој случај требаше да следи казна исклучување од настава, ние не можеме да донесеме одлука која би се косела со законот за средно образование. Тој е таков каков што го донел законодавецот и ние мора да работиме според него, независно дали мене лично и на останатите професори тоа ни се допаѓа, вели Рилкоски.

Од понеделник ќе се пристапи кон превентивно делување преку разговори со родителите и учениците во ова средно училиште со цел да се влијае врз намалувањето на ваквите негативни појави.   

Т. Кувенџиска