Старите занаети по кои некогаш бил познат Охрид полека исчезнуваат. Технолошкиот развој и увозот на евтини производи сериозно го загрозуваат опстанокот на ионака малкуте останати занаетчии во градот кои главно се занимаваат со производство на бисер, филигран или дрворез.

-Занаетите пополека изумираат, остануваат без наследник, непрофитабилни се и повеќе се оди на трговија. Обременети се со големи давачки кон државата, а се соочуват и со нелојална конкуренција од увезени готови производи од исток и недостаток на  атрактивен простор во кој  можат да ги изложат своите производи, вели Оливера Мишева од Охридскиот завод и Музеј.

Занаетчиите кои сеуште му пркосат на времето велат дека со уникатно рачно производство на уметнички производи кое се негува со генерации се потешко  се живее.
  
-Да се живее од занаетчиство и уметност денес  е фантазија, затоа што занаетчиството е во изумирање. Индустриското производство го прави своето. Потребна е голема воља човек да се занимава со оваа работа и да сe одржува занаетчиството. –посочува познатиот охридски занаетчија  Анастас Дудан.
  
Во обид да им се помогне на занаетчиите да ја подобрат положбата невладиниот сектор започна со реализација на 18 месечен трансграничен проект во кој е вклучена и охридската НВО „Култ –Дам“.

-Во Охрид со децении постоеле занаети, знаеме каква беше старата охридската чаршија некогаш, а  каква е сега, но полека тие вредности во налетот на ова технолошко време треба да се вратат заради зачувување на културното наследство и развивање на  културен туризам и и културни вредности.-вели Милчо Јованоски од невладината „Култ –Дам“.

Загриженост постои и кај странските експерти, кои предупредуваат дека со изумирање на занаетчиството македонските градови го губат културниот идентитет. Тие како и домашните експерти вклучени во трансграничниот проект кој  опфаќа повеќе држави од регионот, се надеваат дека преку активности ќе влијаат на свеста на одговорните со цел да се обезбеди подобра заштита и развој  на занаетчиството преку пристап до европските фондови.

OhridNews