Повеќегодишниот проблем на жителите на улиците „Галичица“, „Мирче Ацев“ и „Никола Карев“ со функционирање на канализационата линија повторно се активирал на 17-ти септември кога после дождот дошло до запушување на канализационата цевка поставена помеѓу улиците „Галичица“ и „Никола Карев“.
Приземните простории на живеалиштата се полни со фекална канализациона вода, а можностa од ширење на заразни заболувања е голема. Надлежните институции „Нискоградба“ и ЈП „Колекторски систем“ треба да обезбедат функционирање на канализационата мрежа воедно и одведување на атмосферската вода која треба преку непречен проток да оди во Охридското Езеро, велат жителите во дописот пратен до OhridNews.
Бидејќи станува збор за секундарната канализација, проблемот е во надлежност на ЈП „Нискоградба“, вели директорот на ЈП „Колекторски систем“, Владимир Алексијоски.
Без разлика на тоа, во текот на минатата недела бевме контактирани од нивна страна со молба за припомош при што од наша страна беше испратено специјално возило кое во тој момент кај нас извршуваше тековни активности за чистење на колекторскиот цевковод на делот од бул. „Туристичка“. При тоа беше констатирано дека тој дел од секундарната канализација е полн со песок и фекалии, со што во голем процент е намален нормалниот проток. После извршената интервенција беше донесен заклучок дека е потребно темелно чистење на тој дел од секундарната канализација за што е потребно службите од ЈП „Нискоградба“ или Локалната самоуправа да нарачаат ангажман на специјализираната фирма која ја врши таа дејност и да се интервенира со што целосно би бил отстранет наведениот проблем, вели директорот Алексијоски.
Од увид на терен на лице место е утврдено дека со редовно одржување како и до сега неможе трајно да се реши проблемот и констатирано е дека трајно решение е можно само со градежен зафат односно изведба на нова линија велат од ЈП „Нискоградба“. Екипите се на терен и работаат на отстранување на дефектите.
Имено во тој правец веќе е разговарано со локалната самоуправа преку Фондот за комунален развој и се преземени конкретни чекори за отпочнување на постапка за реконструкција односно изведба на нова фекална канализациона линија на потегот од раскрсницата на улиците „Галичица“ со „Мирче Ацев“ и раскрсницата на улиците „Мирче Ацев“ и „Никола Карев“. Започнување на градежниот зафат се очекува во најкус можен рок. Со изведба на нова канализациона линија ќе се надминат проблемите со кои се среќаваат граѓаните кои живеат на овие улици, додаваат од претпријатието.
Н.С.Ј.














