За дел од нив иако извештајот не може да ја прикаже во целост реалната слика за она што се случува на седниците, тие се надеваат дека самиот мониторинг од страна на МСО ќе придонесе за поголема ангажираност на некои од советнциите кои досега не можат да се пофалат со голем број излагања.
– Извештајот дава статистика за бројот на излагања, усвоени предлог одлуки, но сепак според мене најважен е крајниот резултат од дискусиите и дали се дошло до некои конкретни резултати. Забелешките се оправдани, а се надевам и дека ваквиот мониторинг ќе придонесе дел од советниците во наредниот период да го зголемат бројот на излагања и дискусии, вели координаторот на советничката група на СДСМ, Томислав Тунтев кој заедно со координаторот на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, според извештајот на МСО на седниците се со најголем број излагања.
Според координаторот на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, Дејан Пановски, советот е досега најслабо раководен, што се отсликува и во донесувањето на одлуките и во водењето на седниците, па со тоа и во самите записници и изостанокот на контрола врз спроведувањето на Одлуките на Советот.
– Лично, ми беше чест овие речиси 4 години најактивно што можев како член на Советот да се борам за својот град, чест да се обидам да ги свртам негативните трендови , чест да дадам идеи и да водам борба во интерес пред се на Охрид. Изразувам благодарност кон советниците од ВМРО ДПМНЕ кои издржаа 4 години полни со напори,закани,омаловажувања но, сработавме чесно и принципиелно еве до крај на мандатот, вели Пановски.
Како беше потенцирано од МСО општа констатација е дека во третиот дел од анализите има подобрување на квалитетот на подготовката на записниците во однос на добивањето поисцрпни информации за излагањето на Советниците, но за жал од добиените записници, односно од начинот на кој се водени истите, и овој пат не биле во можност да извршат комплетни анализи, согласно поставените параметри.
Според претседателот на советот Душко Јаковчески, забелешките од МСО се оправдани, но тоа се должи на тоа што сеуште на седниците се водат класични записници при што се фаќаат забелешки и се снима со диктафон.
– Се што се случува на седниците се евидентира, но не сме во можност сето тоа да се стави во записникот, затоа што сеуште не се користат стенограми кои би овозможиле побрзо фаќање на забелешките и составување на записникот., вели Јаковчески.
Тој додава дека кој работи, тој и греши и се надева дека во наредниот период ќе се оди кон осовременување на начинот на кој се евидентираат случувањата на седниците, а со тоа ќе се овозможат и комплетни записници.