Во петок ќе се одржи единаесетата седница на Совет на Општина Охрид со дневен ред од 100 точки.

Пред советниците ќе се најдат за гласање извештаи за реализација за првите три месеци од годината на програми кои се однесуваат на различните сфери од општествениот живот меѓу нив за туризам, локален економски развој, ТППЕ Охрид, програма за изработка на урбанистички планови, за заштита на животната средина и природата, за спорт и рекреација, за културни манифестации и творештво, за енергетска ефикасност, за изградба и реконструкција на локални патишта и улици, за изградба на системи за одведување и пречистување на отпада вода и уште многу други.

 

Потоа на дневен ред се реализација на буџетот на Општина Охрид, како и извешатите за работата на јавните претпријатија во првите три месеци од годината.

За усвојување пред советниците ќе бидат изнесени и Одлуката за покривање на загубата од работењето на ЈП Водовод Охрид за 2021 година, отстапување на користење паркинг простор од општина Охрид за ЈП„Билјанини извори“ Охрид, продолжување на работното време на угостителските објекти, партиципација и сопствено учество на Општина Охрид во проектот „Изработка на проектно-техничка документација за пат од с.Лескоец до с.Горно Лакочереј и Долно Лакочереј“, за прием во сопственост на движна ствар – специјално возило пајак, разрешување и именување член во Управниот одбор на ЈЗУ „Здравствен дом“ – Охрид, како и утврдување на начин на применување на минимален процент на зеленило во рамки на градежните парцели при издавање на одобрение за градба.

На дневен ред се и точки кои се однесуваат на урбанистичко-плански документации.

OhridNews