Меѓународната кризна група во својот последен извештај ја смести во Македонија во групата на земји и територии каде има влошување на состојбата, а покрај земјата во оваа група уште се и Авганистан, Сирија, Ирак, Бангладеш, Гамбија, Азербејџан и Конго, пренесува „Макфакс“.

„Политичката криза е влошена, што поттикнува домашни и меѓународни критики и многубројни протести, при што опозициските Социјалдемократи најавија дека партијата ќе ги бојкотира изборите на 5-ти јуни поради неуспешното имплементирање на реформите во медиумите и прочистувањето на изборниот список, и откако претседателот Иванов на 12-ти април ги помилува сите политичари кои се соочуваат со истраги за кривични дела, поткопувајќи ја работата на Специјалното јавно обвинителство“, се вели во последниот извештај на Меѓународната кризна група.

Од Меѓународната кризна група потсетуваат дека на 13-ти април демонстрантите упаднале во Народната канцеларија на Иванов, и дека собранискиот спикер Вељаноски на 14-ти април ги потврдил изборите закажани за 5-ти јуни, по што следеле уште протести, како во Скопје така и во останатите градови ширум земјата.

„ЕУ ги откажа разговорите кои беа планирани за 22-ри април откако опозицијата го услови своето учество со одложување на изборите и поништување на претседателските помилувања. Специјалната обвинителка Јанева на 14-ти април изјави дека истрагите на нејзиниот тим ќе продолжат и започна нова истрага. Сведок на СЈО потоа на 27-ми април беше пронајден застрелан во својот дом. Американската невладина организација Фридом Хаус во својот годишен извештај ги опиша македонските медиуми како „неслободни““, заклучува Меѓународната кризна група во својот последен извештај.

OhridNews
извор: „Макфакс“