Семејствата на лица со попреченост и понатаму се соочуваат со голем број проблеми. Постоечкиот систем се уште ги турка сите проблеми на централно ниво, постои недостиг од политики и структури на локално ниво, кои имаат увид во социјалните, здравствените или во образовните проблеми и тешкотии. Неопходни се сеопфатни системски мерки, поголема сензибилизираност и поорганизиран пристап во образованието, социјалната и здравствена заштита, со цел вистински се подобри квалитетот на животот на лицата со попреченост и нивните семејства.
Алармантно е што во помалите општини состојбата е мошне незавидна поради отсуството на постоењето на дневни центри. Здравствените услуги најчесто се со неадекватна приспособеност за лицата со попреченост. Раното откривање и интервенција, иако е предвидена во законите, не се спроведува во реалноста поради немање предвидени соодветни процедури, несоодветно операционализирани во годишните програми и планови за работа на здравствените институции. Голема пречка е незнаењето на лекарите и медицинскиот персонал како да комуницираат и да интервенираат кај лицата со попреченост.
Вклучување во образованиот процес на лицата со попреченост останува голем предизвик поради недоволната подготовка на наставниците, недостаток од соодветни стручни кадри (специјални едукатори) во училиштата, немањето поддршка од надлежните државни институции, односно Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, како и недостапноста на специјализирани училишта.
Ова се само дел од добиените резултати од извршените испитуавања околу условите во кои живеат и проблемите со кои се соочуваат семејствата на лицата со попреченост во Охрид, Боговиње и Берово.
Извештајот „Услуги за лицата со попреченост на локално ниво – од закон до реалност“ кој ги опфаќа услугите од областите – социјална заштита, здравство и образование, што ги добиваат семејствата на лица со попреченост во трите македонски општини, ќе биде промовиран утре, вторник, во 13 часот во просториите на општина Охрид.
Истражувањето што резултираше со овој извештај, беше спроведено од страна на „Здружението за поддршка на деца и млади со различности СИНАТА ПТИЦА- Скопје“, и е дел од проектот „Застапуваме, зајакнуваме, се поврзуваме“, поддржан од „Швајцарската агенција за развој и соработка“ преку програмата „Цивика мобилитас“.
OhridNews












