По пауза од една деценија, од 26 до 29 јуни, на просторот на Извиднички центар, а во организација на Извидничкиот одред „Пионер“ од Охрид, со поддршка на Сојузот на извидници на Македонија, се одржа извидничкиот младински забавен камп (Camping fun Ohrid 2014).
Учество зедоа 100 извидници на возраст од 11-21 година од извидничките одреди “Јадран”,”Галеб”,”Методија Митевски -Брицо” од Скопје, “Мирко Милески” од Кичево и “Крсте Јон” од Струга, како и 35 деца и младинци од асоцијацијата за култура и уметност “Креативити” од Прилеп.
Учесниците преку меѓусебно дружење и натпреварување во различни едукативно забавни дисциплини во вода и на копно покажаа дека најкраткиот пат за надминување на предрасудите околу постоење на различностите и стекнувањето на нови познанства е токму непосредното другарување и кампување, велат од „Пионер“.
Преку ден на брегот од Охридското Езеро се организираа натпревари во 15-на дисциплини, а во вечерните часови покрај логорскиот оган преовладуваше културно забавната програма исполнета со песна и глума. Се организираа и активности низ потесното градско подрачје,каде што учесниците пронаоѓаа одредени значајни објекти.
На најуспешните екипи на извидничкиот забавен камп во Охрид им беа доделени признанија и награди.
OhridNews