По повод 22-ри февруари светскиот ден на извидниците, или попознат во светот како ден на скаутизмот, членовите на Извидничкиот одред „Пионер“ од Охрид подарија книги, сликовници и играчки на детското одделение при општата болница во Охрид.
Акцијата беше спроведена под мотото „Направи добро дело“ и е дел од глобалната кампања за развивање на свеста кај децата и младите кон хуманоста.
Датумот 22-ри февруари е всушност ден кога во 1857 година е роден основоположникот на извидничкото движење, британскиот генерал Роберт Баден Пауел, кој што во 1907-та година ја формирал првата скаутска дружина во која на децата им ги пренесувал своите стекнати животни искуства.
Оттогаш до денес во светот има повеќе од 40 милиони извидници во речиси сите земји кои активно работат во сферата на неформалното образование, помагајќи им на децата и младите да станат личности горди на себе и корисни за општеството, покажувајќи ги притоа хуманите вредности на секое поле од животот, информираат од И.К. „Пионер“.
OhridNews