„Љубовта и единството не се теми на денешниот глобален свет. Единство нема ниту во Европа и Америка, ниту на Истокот, ниту на Балканот, ниту на архипелазите“. Ова беше воведната реплика на актерот Ѓорѓи Јолевски во претставата „Кирил и Методиј: who are you? “ која ја доживеа својата праизведба вчеравечер на летната сцена „Долни Сарај“ во рамки на годинешното издание на Охридско лето.  

Актерите од прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ во копродукција со „Сфумато “ театарот од Софија и „НЕТА“ од Љубљана, покажаа извонредна актерска игра која предизвика големи импресии кај публиката.

Јордан Плевнеш кој е авторот на драмскиот текст, рече дека има голема симболика што во тоа што оваа претстава за прв пат се изведува токму во Охрид.

-Одисејата на оваа претстава започна токму вечерва во Охрид со тоа што тој го потврдува епитетот културен центар на цивилизациите и духовната историја. Претставата продолжува на фестивалот „Експонто“ во Букурешт и поголем број други европски метрополи за да во овој загрозен свет покаже дека надежта не е загубена и дека според Кирил и Методиј цивилизацијата на љубовта повторно е можна, истакна Плевнеш.

Режисерот на претставата, Мартин Кочовски вели дека основната порака на претставата е дека треба да му дадеме малку повеќе простор на духовноста.

-Колку сме побогати во духот, толку сме поблиску до Бога и мораме да работиме токму на нашата духовност, а не само да бидеме преокупирани со материјализмот, егзистенцијалните потреби и заслепени со парите. Сметам дека мора да се најде друг општествен систем во светски рамки, наместо капитализам, кој повеќе ќе ги вреднува духовните вредности, а не дотолку да ја истакнува важноста на парите до степен на опсесија, рече Кочовски.

Помеѓу многубројната публика која ја проследи премиерата на претставата беше и градоначалникот на општина Прилеп, Марјан Ристески кој ја поздрави идејата за овој копродукцискиот проект на Прилепскиот театар со театрите од Љубљана и Софија.

Мислам дека претставата вистински заслужуваше да биде одиграна на Охридското културно лето. Актерската екипа од Прилеп е надалеку позната по добрата глума и има освоено бројни награди во земјава и странство, изјави Ристески.

Претставата ја проследи и претседателот на Советот на општина Охрид Гордана Коњановска која рече дека тематиката на драмскиот текст и оставила голем впечаток.

-Ретко да не успеам да најдам нешто добро во секоја претстава. Оваа особено ми се допадна заради начинот на кој се актуелизира делото на браќата Кирил и Методиј во еден многу модерен контекст и вечната тематика за борбата помеѓу доброто и лошото во исклучително авангарден стил. Искрено мислам дека многу пропуштија сите што не беа во можност да ја проследат и што не се вечерва тука, изјави Коњаноска.

Инаку претставата „Кирил и Методиј: who are you? “ е современа претстава со рефлексија на историска тема во која кризата во денешниот современ свет, дехуманизацијата, гладта за љубов, превласта на парите и импреријализмот умешно се поврзуваат со филозофијата на браќата Кирил и Методиј за обединување и љубов меѓу сите нации.

Ивана Чичоска