Извршителите се подготвени од првиот работен ден во 2017 година да почнат со новините: известување на граѓаните пред да им се блокира сметката, вонсудска наплата на комуналните долгови, но и наплата по нова тарифа за неколку комунални услуги, со која драстично ќе се намали цехот што го плаќа должникот при извршувањето, пренесува „Макфакс“. Од 1 јануари 2017 година стапува во сила нов Закон за извршување со кој ваквите шоковите за должниците, кои се соочуваа со извршители на врата, со блокирани сметки и огромни глоби нема повеќе да се случуваат.

Постапувајќи според новите законски решенија, кога ќе добијат налог за наплата, извршителите нема веднаш да блокираат сметки и непријатно да ги изненадуваат должниците, како што правеа досега. Отсега прво ќе им се јавуваат, ќе бараат од нив долгот да го платат во рок од три дена, а дури потоа ќе одат на блокада на сметка.

За долговите на домаќинствата за сметките за вода, смет, куќен совет, кабелска и телефон до 2.000 денари и за струја и парно до 6.000 денари, воопшто нема да се спроведува присилна, туку вонсудска наплата, па пред да се оптовари долгот со трошоци, за судови, нотари, адвокати, извршители и камати, извршителот ќе го повика должникот, ќе му каже колку должи и ќе побара од него во рок од 15 дена да плати.

Во одредени случаи, во договор со должникот, може да му се даде и подолг рок за плаќање. Тогаш, крајниот цех што ќе го плати должникот ќе биде далеку помал од оној што би го платил кога би се спровела класична присилна наплата. Односно, би изнесувал колку долгот, плус одредена мала сума за извршителот. Доколку, пак не одговори на повикот на извршителот, ќе се спроведе класична присилна наплата и трошокот за должникот ќе биде поголем.

Како значајна новина, со која многу ќе им се олесни на граѓаните должници, е новата тарифа за присилна наплата која ќе важи за неколку комунални услуги: струја, вода, смет и куќен совет. Кај присилната наплата за овие сметки, вкупниот надомест што ќе се наплаќа за нотар, адвокат и извршител нема да смее да надмине повеќе од 50 проценти од основниот долг.

Од Комората на извршители велат дека најголеми должници се физичките лица, токму за неплатени сметки за комуналии. Дури 70 отсто од предметите за извршување се по овој основ.

Ако за граѓаните новите законски решенија за извршувањето носат олеснување, компаниите велат дека за нив се голем товар. Уште пред неколку месеци Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) побара одложување на примената на законот за да се изменат членовите со кои им се оневозможува на правниците вработени во фирмите да застапуваат во предметите за извршување и тој дел од работата им се префрла на адвокатите.

Претседателот на ОРМ, Ангел Димитров предупредува дека ако не се направат измените што се бараат, тогаш дел од фирмите ќе бидат принудени да отпуштаат правници.

OhridNews
извор: „Макфакс“