Играчот на Манчестер Сити, Јаја Туре, во изборот на Африканската фудбалска конфедерација (CAF), е избран за најдобар африкански фудбалер во 2013 година.


Репрезентативецот на Брегот на Слонова коска, наградата ја прими на свечената церемонија која се одржа во Лагос, Нигерија.

Покрај Јаја Туре, во конкуренција за наградата беа уште неговиот соиграч од репрезентацијата Дидие Дрогба и Нигериецот Џон Оби Микел.

Туре трета година по ред е избран за најдобар африкански играч, претходно тоа им успеало на Абеди Пеле (1991, 1992, 1993) и Самуел Ето (2003, 2004, 2005).

Покрај Јаја Туре, признание доби и 35-годишниот играч на Ал-Ахли, Египќанецот Мохамед Абутрика, тој е прогласен за најдобар играч кој игра на африканскиот континент.

Најдобар тренер е селекторот на Нигерија Стифен Кеши, додека Нигерија е најдобрата репрезентација, а селекцијата на оваа земја до 17 години е најдобриот млад тим во Африка.

На церемонијата во Лагос, CAF, го прогласи и тимот на годината, во него се најдоа: Енејама (Нигерија) –  Фати (Египет), Бенатиа (Мароко), Констант (Гвинеја) – Оби Микел (Нигерија), Абутрика (Египет), Јаја Туре (Брег Слонова коска), Питроипа (Буркина Фасо) –  Обамејанг (Габон), Еменике (Нигерија), Гјан (Гана).

 

„Макфакс“