Јајцата, кои треба да се вбројуваат помеѓу основните прехрамбени продукти, деновиве станаа вистински луксуз за охриѓани. Ова се должи на нивната висока цена, која во последниот период вртоглаво расте. Во текот на вчерашниот ден, јајцата на Охридскиот пазар се продаваа по цена од 210 до 280 денари по табла.

Производителите на јајца, велат дека зголемувањето на цената се должи на малата продуктивност на живинарските фарми во соседните земји и очекуваат ново зголемување на цената во наредните неколку дена.


Освен тоа што има недостиг на јајца, поради студената зима која го зафати целиот регион, годинава  има и недостиг на пченка, што е основа во храната за кокошките несилки. Сега храната ја купуваме многу поскапо од претходно и затоа мораме да ја зголемиме цената на јајцата, велат охридските производители на јајца.

Тие нагласуваат дека непосредно пред Велигденските празници, јајцата може да достигнат цена од рекордни 400 денари по табла.

Трговците, кои прекупуваат јајца  од поголемите производители, велат дека во моментов е многу тешко да се набави поголема количина за малопродажба, затоа што голем дел од производството на јајца заминува за извоз.

-Има Живинарски фарми со кои редовно соработуваме. Се јавуваме, прашуваме каква е состојбата, ни велат дека немат голема количина на располагање, зошто веќе договориле неколку тури за Србија и за Црна Гора. Не знам како ќе успееме да набавиме јајца за да ја покриеме побарувачката што ќе следува, вели сопственик на тезга во Охридскиот пазар.

Инаку во текот на минатата недела, цената на јајцата во Бугарија се зголеми дури за 40 отсто. Ценовен шок кај јајцата има и во Србија каде што истите се продаваат по цена од 400 динари. Слична е и состојбата во Грција, каде исто така има евидентно зголемување на  цената кај јајцата.

OhridNews