Екипата на Гостивар, поранешна Ринија по воведните три рунди се вмеша меѓу тимовите аспиранти за висок пласман како Пелистер, Тиквеш, Миравци. “Белите” во вистинско светло се прикажаа на натпреварот од 3-то коло против Охрид Лоте, кога “градежниците” беа торпедирани со убедливи 5-1.

– Имавме свои шанси кои знаевме како да ги искористиме и потполно заслужено победивме во Охрид. Имаме одличен старт, во врвот на табелата сме но не се залетуваме, за нас најважно е да играме добар фудбал а резултатите сами по себе ќе дојдат. – вели Тони Јакимоски кој во Гостивар дојде од клупата на Тетекс.


Од два натпревари на гостински терен, Гостивар ги доби двата додека на домашен терен сликата е по “бледа” за гостиварчани кои во 2-то коло ремизираа со Треска играјќи 1-1.

– Младите момци полесно играат на гости, отколко на домашен терен каде се уште мака мачиме со психолошката бариера. Кога еднаш ќе го надминеме и тој фактор и се ослободиме од грчот ќе биде уште подобро – смета Јакимоски.

Амбициите на екипата на Гостивар се големи, и затоа беше ангажиран за  шеф на стручниот штаб Тони Јакимоски кој го има рецептот. Под палка на Јакимоски, “штофарите” го освоија Купот на Македонија во 2010 година и успешно ја преставија Македонија во Лигата на Европа.

Мх.П.