Претседателот на Советот на општина Охрид, Душко Јаковчески, не чувствува одговорност во однос на обвинувањата од советничката група на ВМРО ДПМНЕ, која денеска покрена иницијатива за негова интерпелација. Според него иницијативата е неоснована и претставува краен цинизам, упатувајќи ги колегите од опозицијата во Советот одговорност да побараат од нивните сопартијци од актуелната централна власт, кои, како што рече, охриѓани и сите граѓани на Република Македонија ги однесоа во амбисот на сиромаштијата.

-Сметам дека во услови  кога минисерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, јавно рече дека е нарушена безбедносната состојба  во Македонија, а премиерот и лидер на ВМРО- ДПМНЕ Никола Груески го омаловажи претседателот на државата Ѓорге Иванов велејќи му дека згрешил што отишол на Самитот на НАТО во Чикако, да се бара моја одговорност е краен цинизам и невиден популизам, својствен за диктаторските ситеми, истакна Јаковчески. 

Претседателот на Советот додаде дека барањето на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ се коси со Статутот и Деловникот за работа, бидејќи тој не дава можност за интерпелација, туку единствено може да се поднесе барање за негово разрешување. Уште појасни дека не постои итна туку  вонредна седница, која се свикува за прашања од значење за безбедноста и сигурноста на граѓаните и во вонредни околности, посочувајќи дека советниците на ВМРО ДПМНЕ по три години од мандатот тоа требало да го знаат.

Очигледно е дека нема услови за вонредна седница , па морам да им појаснам , дека прашањето за кое се заинтересирани , можат да го постават на редовната седница  закажана за 31 мај. Истото можат да го сторат и со барање за мое разрешување , но морам да кажам дека редно е да ги прочитаат  барем основните одредби од прописите за работа на Советот на општина Охрид, рече Јаковчески.

Повторно реагираа од ВМРО ДПМНЕ, од каде информираат дека барањето за точка на дневен ред за интерпелација за работата на Претседателот на Советот ќе го постават на првата наредна седница на Советот, каде, како што се наведува во соопштението, ќе се дискутира отворено за сите штети кои тој ги нанел на Охрид во изминативе години.

OhridNews