Советничката група на ВМРО- ДПМНЕ и понатаму во очекување на одговор од претседателот на советот на општина Охрид, по нивната иницијатива за итно свикување на седница на Советот со тема ребаланс на Буџетот за извршување на донесени решенија и заклучоци, поврзани со уривањето на дивоградбите во село Трпејца.

И по изминати осум дена од поднесувањето на иницијативата сеуште немаме добиено никаков писмен и официјален одговор  од страна на Претседателот на Советот околу одржување на седницата. Доколку не го знае Деловникот, како и во многу други случаи досега ,го потсетуваме Претседателот дека е должен, согласно член 42 од Деловникот за работа на Советот, да организира одржување на  седница на барање на ¼ од членовите на Советот во рок од 15 дена . Со оглед на тоа дека постои и рок за свикување на седницата ,конечните рокови за одржување веќе одминуваат без одговор. Избегнувањето на свикување на бараната седница би била  уште една узурпација на демократијата во Охрид од страна на СДСМ, велат од советничката група на ВМРО- ДПМНЕ .

Претседателот на советот, Душко Јаковчески, повикувајќи се на статутот на советот, вели дека не постои основ за свикување на итна седница.

Во однос на техничкиот аспект, според статутот, итна седница се свикува по сопствена иницијатива на претседателот на советот, по барање на една третина од членовите или пак по предлог на градоначалникот.  Како што налага статутот, причини пак за свикување на итна седница може да бидат прашања од значење за безбедноста и сигурноста на граѓаните или во вонредни околности. Во овој случај, ниту еден од овие основи не е исполнет, па согласно тоа, итна седница нема да биде закажана, вели претседателот на советот, Душко Јаковчески.

OhridNews