Арбиново не е меѓу локациите каде би се градела регионална депонија, изјави денеска во Охрид министерот за животна средина и просторно планирање Неџати Јакупи.

– За Јужниот и Југозападниот регион не е одредена точна локација каде би се наоѓале регионалните депонии. По сите насоки и препораки на експеритите, како погодни локации се посочени оние места каде веќе во минатото е одлаган отпад. Арбиново не е меѓу нив. Можеби таа локација одговара според имотно правни односи, има добра местоположба и пристапноост, но при постапката за издавање под концесија се води сметка и за заштита на животната средина, така што заедно со локалните власти и планските региони ќе се процени каде ќе се гради регионалната депонија, истакна министерот Јакупи.

Јакупи објасни дека локацијата за изградба на депонија за отпад за Југозападниот регион се уште не е утврдена, и дека таа ќе се одреди во соработка со локалните власти од регионот и врз препораките на експертите.

Министерот за животна средина, денеска во Охрид учествуваше на трибината “Проблемите,
последиците и можните
решенија за надминување на настанатата состојба со загадувањето на
водите на Охридското Езеро”, што ја организираше Комисијата за транспорт,
врски и екологија на Собранието на Република Македонија.


Ohridnews