Граѓаните и компаниите кои сакаат да ги легализираат бесправно изградените објекти, што поскоро да ги достават геодетските елаборати, апелираше вчера министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Според него, токму недоставувањето геодетски елаборати, но и нерешените имотно-правни односи се клучните причини кои го забавуваат процесот на легализација.

-Граѓаните и компаниите мора да ги изготват елаборатите кои се по исклучително ниска цена, помалку од едно евро. Крајниот рок за доставување веќе го продолживме, до 31 декември 2015 година. Дотогаш има доволно време, но не треба да се чека последниот ден, рече Јанакиески.

Министерот ги повика и корисниците на социјална помош побрзо да поднесат барања до Агенцијата за катастар која, согласно законските измени, бесплатно ќе им изготви геодетски елаборати. За нив, потсети, бесплатен е целиот процес на легализација.

-Македонија се доближува до бројката од 100.000 легализирани објекти што го потврдува фактот дека сме една од ретките земји кои успешно го спроведуваат процесот. Сепак, активностите ќе бидат заокружени со решавањето на сите 360.000 предмети, нагласи Јанакиески.

Со законските измени и бесплатните елаборати се очекува легализацијата да се спроведе кај дополнителни 40.000 семејства.

OhridNews