На состанок на членовите на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локална самоуправа и министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, што денеска се одржа во Охрид била утврдена динамиката на преземање на државмото градежно земјиште од страна на општините.

-На состанокот со У.О. на ЗЕЛС утврдивме точен динамичен план со цел до 1-ви јули што е можно попвеќе општини да го преземат управувањето со државното градежно земјиште, изјави министерот Јанакиески.

Предложените законски решенија од областа на урбанизмот и градежништвото беа тема на дводневното советување на кое покрај градоначалници  учествуваа околу 250 вработени во општинските администрации, кое денеска заврши со дискусија на која на поставените прашања и дилеми одговараа министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и експерти.

Со измените во законот, според Јанакиески, ќе се олесни  и поедностави процедурата за добивање одобренија за градење, за што до сега беа потребни 21 чекор.

– Со измените на законот за куќи и поедноставен тип на градба сега се потребни три чекори, додека за индустриски објекти кои може да загадуваат треба уште еден дополнителен чекор, односно елаборат за животна средина од ресорното министерство, рече Јанакиески. Со тоа, како што истакна тој речиси тројно се намалува и периодот за добивање на одобрение за градење, кој претходно беше 146 дена.

Со новиот правилник се намалува и надоместокот за уредување на градежно земјиште, како и  комуналиите за индустриски објекти и за хотели.

– Овие мерки веќе придонесуваат за поголем интерес за изградба на хотели конкретно на локации во Охрид. Веќе има неколку компании кои се заинтересирани, рече Јанакиески.

За добивање одобрение за градба граѓанинот единствено ќе треба да добие извод од план кој треба да го достави до општината, која во рок од 15 дена треба да даде одговор. Доколку одговорот е позитивен, странката треба да ја плати потребната сума, а потоа се издава одобрение за градење. Со законските измени молчењето од институциите се смета како одобрување.

OhridNews