Министерот Јанакиески испрати допис до градоначалниците во сите општини во Република Македонија во кој се укажува на законските рокови за донесување на актите предвидени со Законот за постапување со бесправни објекти, односно за решавање на предметите согласно овој закон.
 
Во дописот се наведени и постапките кои се пропишани со закон во случаи градоначалниците да не ги решат овие предмети во рок од шест месеци од нивниот прием, односно не донесат решение за утврдување на правен статус во рок од 5 работни дена од плаќањето на надоместокот.
 
Во овој случај, подносителот на барањето има право во рок од три работни дена да поднесе барање до општината за градоначалникот да донесе урбанистичка согласност, по што градоначалникот е должен во рок од пет работни да постапи по барањето. Доколку не се запази овој рок, подносителот на барањето  може да го извести државниот управен инспекторат кој е должен во рок од 10 дена да изврши надзор во општината и да го информира барателот. Инспекторот од државниот управен инспекторат по извршениот надзор согласно закон донесува решение со кое го задолжува градоначалникот во рок од 10 дена да одлучи по поднесеното барање.
 
Доколку градоначалникот не одлучи во рокот од 10 дена, инспекторот ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка за прекршок предвиден со Законот за управна инспекција и ќе определи дополнителен рок од 5 работни дена за одлучување, во кој рок градоначалникот е должен да одлучи по барањето и да го извести инспекторот за постапувањето.
 
Доколку градоначалникот не одлучи и во дополнителниот рок од 5 дена , инспекторот во рок од 3 работни дена ќе поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител и ќе го информира барателот за преземените мерки, а подносителот на барањето може да поведе управен спор пред надлежниот суд, стои во дописот што министерот Јанакиески го испрати до градоначалниците во сите општини.

OhridNews