На седница на владата, денес, министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески,  ќе побара предвреме да стапи во сила одлуката за забрана на скутери, која би требало да стартува на 20 јули.

 – Денеска на седница на Владата ќе го отворам ова прашање, побргу да важи мерката за возењето на скутерите. Оваа година имаме потопла сезона од претходните  и затоа има порано  возење скутери. Доколку Владата одлучи да се помести границата, односно наместо 20 јули,  тоа да биде со денешен ден, ќе информираме за тоа, рече Јанакиески.

Според сегашната владина одлука, забраната се однесува на пловните објекти „скутери“ кои се со јачина поголема од 45 kw кои можат да пренесуваат максимум три лица. Ограничувањето важи за периодот од 11 до 18 часот секој ден за целата водена површина на Охридското, Дојранското и Преспанското Езеро,  со времетраење до 20 август.

Како што најави Јанакиески, министерството за транспорт и врски, во соработка со повеќе релевантни институции на локално и на државно ниво, од утре, ќе вршат контрола на плажите и на Охридското и на Струшкото  крајбрежје.

Контролите ќе се вршат во соработка со општина Струга, која ги презема надлежностите за управување со градежното земјиште, поради што Јанакиески апелира струшкиот градоначалник Рамиз Мерко да ги зајакне контролите на струшките плажи.

– Ја користам оваа прилика да апелирам до градоначалникот на Струга да ги зајакне контролите на струшките плажи, рече Јанакиески.

OhridNews