Специјалното јавно обвинителство го изготви вториот шестмесечен извештај за неговата работа, а за разлика од првиот извештај, Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, најави дека овој извештај ќе го презентира во Собранието пред пратениците и пред Советот на јавните обвинители, пренесува „Макфакс“.

Таа изјави дека е подготвена да го презентира извештајот во периодот од 19-ти до 30-ти септември и во своето обраќање на прес-конференцијата ја уверуваше јавноста дека граѓаните ќе дознаат кој се богател на нивна сметка и дека украдените пари ќе се вратат во Буџетот на Република Македонија.

„Целата македонска јавност треба да биде уверена дека СЈО ќе продолжи со својата работа, за граѓаните на Македонија да ја дознаат вистината кој и на кој начин во периодот од 2008 до 2015 година извршил кривично дело поврзано и кое произлегува од незаконското следење на комуникациите, кој се збогатил на сметка на граѓаните на Македонија и тоа богатство да биде вратено во Буџетот на Република Македонија и да биде искористено на адекватен начин и најважно од сé СЈО на законски начин да утврди кој вршел незаконско прислушување во Македонија во периодот од 2008 до 2015 година и со која цел. Со донесувањето на Законот за СЈО снимките од незаконското прислушување добија законска форма, претставуваат доказен материјал и како такви станаа дел од правниот систем односно законот го имлементира светскиот стандард дека јавниот интерес е пред интерсеот на поединецот, особено пред интересот на оние кои практикуваат власт“, изјави Јанева

Таа апелираше Собранието да ги донесе предложените законски измени на Законот за заштита на сведоци за да може СЈО да навлезе во сржта на предметите, како што се „Мартин Нешковски“, „Монструм“ и „Сопот“.

Во период од 15-ти март до 15-ти септември отворени се и четири истражни постапки во кои се опфатени 40 лица.

Како и во првиот извештај и во овој, СЈО наведува дека државните органи ја отежнуваат работата на ова Обвинителство. Прес-конференцијата се одржа во новите простории на СЈО каде се преселија од привремените простории во центарот на Скопје.

OhridNews
извор: „Макфакс“