Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, која трет ден пред собраниската комисија за политички систем го образложува шестмесечниот извештај за работата на СЈО, го обвини Основниот суд Скопје 1 дека не дозволува да се открие кој прислушувал во Македонија, јавува „Макфакс“.
Таа хронолошки со датуми појасни дека во рок од шест месеци Основниот суд Скопје 1 го блокирал почнувањето на случајот „Пуч“, со тоа што не му ги давал на СЈО доказите за „Пуч“ по датуми, за да може таа да ги проучи и за да може да почне конечно судењето за овој случај.
Јанева го прочита и решението на Апелациониот суд Скопје од 7-ми април годинава, со кое носи одлука да му се дадат доказите на СЈО и во кое го поучува Основниот суд Скопје1, дека немал законска основа да се повикува на обврската на Обвинителството на Марко Зврлевски и на Јован Илиевски за чување на класифицираните информации.
„Но и по оваа одлука Основниот суд Скопје 1 ни ги достави доказите дури на 30-ти јуни годинава. Толку биле обемни доказите кои не ги давал Кривичниот суд, што на СЈО му требале две недели да ги фотокопира“, рече таа.
„Затоа, ве молам ,прашајте ја претседателката на Врховниот суд Лидија Неделкова и Судскиот совет, кој е виновен што не почнува судењето за ‘Пуч’, кое треба да одгатне кој прислушувал масовно во Република Македонија“, упати Јанева.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски ја обвини специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева дека направила злоупотреба на службената доложност, бидејќи со тоа што му кажала на пратеникот Антонијо Милошоски дека го слушала неговиот глас во прислушуваните разговори всушност се заканувала.
„Ние пратениците ви ги изласавме тие 4 милиони евра, мора да кажете како сте ги искористиле парите. Госпоѓо Јанева, колку земате плата, вие, вашите колеги и советници? Треба да се направи споредба на вашите плати и платите на останатите обвинители. Сета ваша неспособност се темели дека не сте имале услови за работа. Па во какви услови работевте претходно? Вие госпоѓо специјална јавна обвинителке си играте мајтап со нас, она што ви одговара сте го доставиле, плус лажете и недозволиво се заканувате“, рече Мукоски.
Пратеникот Мукоски рече дека покрај лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, поддршка на СЈО дале и лидерите на останатите три најголеми политички партии со цел да се разреши дилемата кој прислушувал, а не, како што рече, Јанева „да отвора случаи за шамари“.
Јанева, одговарајќи му на пратеникот Мукоски врз кои докази е пуштен од притвор Зоран Верушевски и врз кои докази во домашен притвор бил битолскиот градоначалник Владимир Талески рече дека за притворите одлучува судот, а не обвинителот.
„Специјалното обвинителство како и секое друго обвинителство преку докази бара притвор, или бара ослободување на некое лице од притвор, а Судот е тој, што врз база на тие докази става некого во притвор, или ослободува од притвор. Судот му одреди мерка притвор на градоначалникот на Битола Владимир Талески и за тоа сме му многу благодарни. Судот е тој што го ослободи од притвор Зоран Верушевски“, му одговори Јанева на Мукоски.
Таа и на денешното продолжение на комисиската расправа за 6-месечниот извештај, потсети на меѓународните конвенции што ги потпишала РМ и со кои се обврзала мерката притвор да трае што е можно помалку.
Во понеделник, закажана е пленарна седница во Собранието, на која ќе се разгледува Извештајот на Специјалното обвинителство.
OhridNews
извор:„Макфакс“