– Република Македонија има визија и е подготвена во соработка со останатите земји да допринесе за силна и ефективна Европа, при што нашите капацитети се целосно фокусирани на соочување со предизвиците кои не очекуваат на патот кон Унијата.-истакна, меѓу другото министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкуловска во своето поздравно обраќање до учесниците на дводневниот форум “ЕУ – Западен Балкан“ на министрите за внатрешни работи и за правда што денес и утре се одржува во Охрид.    

Јанкулоска потенцираше дека Министерството за внатрешни работи е подготвено да одговори на сите предизвици на патот на интеграцијата, притоа нотирајќи ја заложбата на министерството за унапредување на принципот на владеење на правото и неселективната борба против сите облици на криминал.

-Ако се има предвид дека Република Македонија е длабоко навлезена во процесот на операционализирање на обврските од Спогодбата за стабилизација и асоцијација уверена сум дека имплементацијата на европските стадарди претставува огромен чекор напред во процесот на интеграција, што дополнително придонесува за остварување на стратешката цел за безбеден систем и подигање на степенот на безбедност како во Република Македонија така и во регионот, нагласи Јанкуловска.

Таа посочи дека земјите во регионот мора да бидат подготвени да се соочат со новите предизвици, а во тој контекст, додаде таа, особено се наметнува потребата од интензивна и брза размена на сознанија односно од соработка на билатерален и мултилатерален план и преземање на заеднички координирани мерки и активности на национално и регионално ниво и натамошно зајакнување на капацитетите на државите.

Првиот дел од министерскиот форум во Охрид е посветен на теми од областа на внатрешната безбедност, додека во вториот ќе се разговара за независноста на судството и обвинителството, правната соработка во кривични и граѓански спорови, како и унапредување на соработката со ЕУРОЈУСТ.

Во рамки на Форумот предвидени се и бројни билатерални средби, како и потпишување на повеќе договори за соработка.

OhridNews