Министерството за внатрешни работи е професионално подготвено соодветно да одговори на протестите и да спречи евентуална ескалација, рече денеска министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, на новинарско прашање за коментар во врска со најавените протести на крајот на неделата против пресудата во случајот „Монструм“.
Таа ги повика лицата кои имаат намера да учествуваат на протестот тоа да го прават на мирен начин.
„МВР е подготвено на максимално професионален начин со почитување на сите професионални стандарди соодветно да одговори на протестите за да не доведат до нарушување на јавниот ред и мир по улиците и градовите каде што ќе се спроведат како и нивно ексалирање во насилство.“ – рече Јанкулоска која присуствуваше на уништувањето на дрога и оружје во печките на „Југохром“ во Јагуновце.
Во врска со палењето на македонското знаме на протест против пресудата во „Монструм“ што се одржа вчера во Приштина, Јанкулоска најсотро го осуди ваквиот чин и очекува властите да ги преземат соодените законски мерки, а сторителите да бидат санкционирани.
За истрагата во врска со протестот што се одржа минатата недела во Скопје рече дека сé уште се врши идентификација на учесниците кои предизвикале насилство и дека до сега се поднесени 24 кривични пријави.
OhridNews
„Макфакс“