Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска попладнево соопшти дека засега се повикани од 25 до 30 лица на разговор во полицијата со цел расветлување на грозоморното убиство што се случи синоќа во скопско Смилковци, пренесува „Макфакс“.

Јанкулоска повика на воздржаност и истакна дека МВР ги презема сите напори за да се смири состојбата и протестите на коишто излегоа жителите на Радишани да поминат колку што може помирно.

Според досегашните информации на полицијата, на протестот во Радишани биле оштетени пет возила и автобус со број 57.

„Сите полициски службеници се повикани на работа и покрај празниците, рече Јанкулоска.

Таа изрази сочувство до семејствата на убиените и апелираше до медиумите да бидат потрпеливи и да не ги подгреваат меѓуетничките тензии со сензационалистички вести.

Јанкулоска вели дека МВР имаат првични информации дали убиствата се направени од едно или повеќе лица, но поради истрагата не соопштуваат детали и со оглед на тоа дека сторителите се на слобода.

Увидот на местото на злосторството траел до рано утрово, до пет часот.

Синоќа кај Железарското Езеро крај Скопје беа застрелани четири момчиња од Радишани и еден 45-годишен жител на Црешово. Нивните тела ги најде рибар.

Блокади во Радишани – свеќи за убиените момчиња

Во знак на револт поради петкратното убиство, жителите на Радишани со контејнери го блокираа мостот кај Радишани.

Имињата на жртвите Александар Наќовски, Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски и Филип Славковски се испишани насекаде во населбата, а нивните соседи им палат свеќи.

Телевизија „24 вести“ јави дека новинарот и снимателот на телевизијата биле нападнати од група млади луѓе.

OhridNews
Извор: „Макфакс“