Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, кратко се задржа во Специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што беше повикана за случајот „Тврдина“, за уништувањето на опремата за прислушување во МВР. Како што изјави пред медиумите, таа не дала исказ пред Специјалното обвинителство бидејќи според неа, не биле испочитувани елементарните услови на странките во постапката, односно не и биле дадени на увид никакви докази за овој предмет.

„Не барав ништо посебно, барав елементарно запознавање со доказите кои тие тврдат дека ги имаат за да можам воопшто да се изјаснам за нешто што во моментов го немам видено. Тогаш кога ќе добиеме право да ги видиме доказите што тие ни ги ставаат на товар, јас повторно стојам на располагање на сите државни институции и ќе се јавам на било која покана во било кое време. Впрочем самиот факт што поканата ми беше врачена доцна попладне, а јас веќе денес сум тука, ја покажува мојата одлучност да учествувам во оваа постапка бидејќи тоа е во мој интерес. Јас немам сторено кривично дело и инсистирам низ една правна постапка каде што двете страни ги имаат правата како еднакви учесници, тоа да се докаже“, изјави Јанкулоска

Таа уште еднаш повтори дека не е виновна и дека не направила ни едно кривично дело додека била на министерската позиција и СЈО го нарече продолжена рака на опозицијата. Јанкулоска е осомничена и беше помилувана за 13 предмети што ги отворило Специјалното обвинителство, но смета дека апсоултно сите се политички мотивирани.

„Јас немам увид на што се однесувале одлуките за помилување меѓутоа претпоставувам дека институциите во рамките на нивната меѓуинституционална размена дошле до некакви податоци врз основа на кои се донесени одлуките. Меѓутоа јас нема сторени ниту едно кривично дело. Функцијата која ја извршував девет години ја извршував максимално професионално и посветено во интерес на граѓаните на Република Македонија, во интерес на Република Македонија и јас немам од што да се плашам. Мој интерес е сите постапки да се отворат и да се затворат за да сите овие политики конструкции и обвинувања, па и местенки, се демаскираат и конечно јавноста да види дека зад сето ова стои една политчка игра на опозицијата во која се помалку луѓе веруваат“, додаде Јанкулоска.

Интензирањето на работата на СЈО, според неа е поради наближувањето на изборите, за кои Специјалното јавно обвинителство ќе биде единствена и најважна алтка на опозицијата.

„Со оглед на тоа што професионално се занимавам со политика подолго време ова што сега се случува можеби набрзина од страна на СЈО, е резултат на тоа што се наближуваат изборите. Како што јавноста беше сведок, тие се целосно ставени во функција на политичката кампања на опозицијата која и после толку години во опозиција нема што да им понуди на граѓаните на Македонија.  Единствена и најаважна алтка во кампањата која претстои за предвремените парламентарни избори, останува да биде СЈО“, изјави Јанкулоска.
 
Одговарајќи на новинарски прашања таа рече дека не и недостасува министерската фотелја и дека се чувствува одлично.Јанкулоска е третообвинета во случајот „Тврдина“, а во СЈО на распит беше повикан и Тони Јакимовски, поранешниот шеф на кабинетот на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

И покрај тоа што СЈО бараше мерки за претпазливост за осомничените во овој случај, одземен му беше пасошот само на првоосомничениот, началникот на Петтата управа, Горан Грујевски.

OhridNews
извор Макфакс