Дијалогот е единственото решение кое ќе биде прифатливо за сите граѓани ,изјави денес во Струга министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска , зборувајќи за проблемот околу изградбата на црквата Свети Димитрија во струшкото село Октиси.   

Ги разгледавме сите информации со кои ние располагаме, а се релевантни за нашето работење. Преземени се низа чекори за надминување на настанатата состојба низ дијалог, затоа што тоа е единствениот начин да се дојде до решение. Општина Струга е мултиетничка средина и мора да се искористат сите средства за мирно и достоинствено решавање на проблемот, рече Јанкулоска.

При нејзината посета на полициската станица во Струга, како што потенцира министерката, во разговорите со раководството  најголемо внимание било посветено токму на решавањето на проблемот околу изградбата на црквата Свети Димитрија во Октиси.

Тензиите околу изградбата на црквата во Октиси започнаа непосредно пред најавеното осветување на темелите каде е предвидена изградбата на верскиот храм Св. Димитрија. Тогаш околу локацијата на која е предвидена изградбата се насобраа жителите муслимани, по што дојде до собирање и на православните верници Македонци, по што мораше да интервенира и полицијата. Страстите ги смирија струшкиот градоначалник Зијадин Села и митрополитот Тимотеј кои најавија одржување на средби за решавање на проблемот на кои ќе присуствуваат и претставници од Исламската верска заедница.

Досега се одржани две од најавените средби, кои не резултираат со конкретно решение за проблемот.

Во меѓувреме струшкиот градоначалник поднесе барање за времена мерка за запирање на активностите за изградба на црквата.

OhridNews