Министерството за внатрешни работи, заврши со постапувањето,планирањето на мерките и активностите за обезбедување на гласањето на 7- ми април, информира денес министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, која додаде дека до сите Сектори за внатрешни работи веќе се доставени инструкции за постапување и изготвување на конкретни планови за обезбедување.

– Како и во првиот круг, сите Сектори за внатрешни работи и Одделот за посебни единици  изготвија конкретни оперативни планови за обезбедување на изборниот процес со јасно дефинирани задачи и мерки за постапување на полициските службеници за време на изборниот процес согласно претходно направена проценка за можните ризици и кризни места каде би можело да се случат одредени нерегуларности во врска со изборниот процес, рече министерката.

На денот на гласањето МВР ќе ги обезбедува гласачките места, од 06-19 часот, односно се до целосното завршување на гласањето и на работата на Избирачките одбори.

Обезбедувањето, ќе опфати физичка безбедност на објектите каде се наоѓаат гласачките места и приодот до нив за време на гласањето, физичка безбеднсот на гласачките материјали и лична безбедност на гласачите, кандидатите, партиски работници или претставници, членови на ИО, акредитирани набљудувачи и воопшто јавноста- заедницата.

– На денот на изборите, како и пред две недели, ќе се превземат сите неопходни мерки за отстранување на потенцијалните закани по безбедноста,потенцира Јанкулоска.

Министерката информира дека граѓаните повторно ќе можат во сите подрачни единици да аплицираат и во сабота за добивање на нов личен документ, во времето од 08.30 до 16.30 часот, додека во недела Управните служби ќе дежураат по потреба за издавање на веќе изготвените документи.

OhridNews