Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, денес излезе со отчет за сработеното по повод првите 100 дена од изборот на новата Влада на Република Македонија.

Бројните меѓународни акции во кои учествуваше МВР во кои беа пресечени канали користени за транснационален криминал, како и расчистувањето на финансискиот криминал во земјава- се само дел од реализираното на министерството за кое денес зборуваше Јанкулоска.

-Во овие 100 дена накусо би можела да констатирам дека тие претставуваа континуитет на реформите за приближување кон граѓаните, континуитет во создавање на модерна европска полиција и континуитет на безкомпромисната борба против корупцијата и криминалот. За овие 100 дена успеавме македонската полиција да ја промовираме во релевантен меѓународен партнер, кој ужива целосна доверба кај сите странски пријателски служби.  Јасен сигнал за ова е и првата посета на генералниот секретар на Интерпол во 20-годишната историја на постоењето на независна Македонија, изјави Јанкулоска.

Министерката  потсети и на посетата на првиот човек на Еуропол, што според неа е уште еден пример  за новата  перцепција која за македонската полиција ја имаат релевантните меѓународни партнери.

OhridNews