– Понудата за учеството на членовите на Националните установи Македонската Опера и Балет и Македонската филхармонија за свеченото отворање на фестивалот уредно беа доставени до директорите на институции уште во април. На учесниците, согласно законските прописи им беа понудени 2 опции: хотелско сместување со полн пансион доручек, ручек и вечера, со вклучени патни трошоци, како меѓуградски така и локални или надоместок од 2000 денари од ден со платен персонален данок. Дирекциите на Националните установи не информираа дека од страна на уметниците е прифатена понудата за надомест од 2000 денари од ден, поточно понудата за која во моментов реагираат група на вработени во Македонската Опера и Балет и Македонската филхармонија, изјави на денешната прес- конференција директорката на „Охридско лето“, Елизабета Јанкуловска.
Таа додаде дека зачудува фактот што во годината кога се понудени најдобрите услови за учество на „Охридско лето“, на само неколку денови пред почетокот се случуваат вакви настани кои имаат насока да фрлаат дамка на свеченото отворање.
– Само за потсетување, во изминатите години членовите на оркестрите од двете институции добиваа по 400, 800 или 1200 денари од ден за нивниот настап на „Охридско лето“. Сметаме дека обезбедениот надомест од 8.000 денари за 4 дена за вработените во МОБ и 4.000 за 2 дена за вработените од МФ покрај редовната плата, говори за соодветниот третман на македонските уметници. Што се однесува на забелешките кои се однесуваат на превозот, информираме дека во понудата која опфаќаше пансионско сместување во хотелите избрани според тендер и која вработените во МОБ и МФ ја одбија, многу јасно беше наведено дека е обезбеден превоз со климатизиран автобус, камион за опремата и локален превоз од хотелот до сцените каде што ќе се одвиваат подготовките и концертот. Незаконските барања на дел од вработените во Националните институции МОБ и МФ за нас се неприфатливи и цениме дека договореното треба до крај да се испочитува, рече Јанкуловска.
Таа потенцира дека досега се преземени сите активности за непречена реализација на свеченото отворање и дека подготовките за најновото издание на фестивалот се при крај.