Истовремено, шефот на агенцијата на Обединетите нации за нуклеарна енергија ги предупреди јапонските власти дека во Фукушима 1 водат трка со времето за да ја запрат катастрофата и укажа на тоа дека за успех на оваа трка е потребна глобална соработка.
Воените противпожарни возила утрово се вклучија во полевањето на реакторот број 3 со вода, за да се спречи топлење на нуклеарното гориво во него, а со самото тоа и ослободување на радијацијата.
Подготвена е и една противпожарна кола на американската војска, рече неименуван службеник на јапонската војска и додаде дека ако возилото се активира, тогаш ќе го управуваат јапонски работници.
Инаку утрово од вториот блок на нуклеарната централа Фукушима 1 се извива чад, кој засега не се знае од што е предизвикан.
Се верува дека во овој блок нивото на водата за ладење на шипките на реакторот е екстремно ниско и дека постои опасност од нивно топење, а со тоа и до големо ослободување на радијација.
Регуларниот систем за разладување се исклучи во петокот по ударот на Цунами на централата, а од тогаш во четири од шест нуклеарни реактори на Фукушима 1 избувнуваа пожари, доаѓаше до експлозии на акумулиран водород и до пораст на нивото на радијација над дозволеното.
Се очекува до недела да се вклучи струјата во реакторите три и четири, но и тоа не е гаранција дека електричните пумпи ќе проработат, бидејќи можеби се оштетени по земјотресот, цунамито и експлозиите, јавува Би-Би-Си.
Шефот на американската регулаторна комисија за нуклеарна енергија Грегори Јацко процени дека за ладење на реакторите и враќање на Фукушима 1 под контрола, „можеби ќе бидат потребни недели
извор: „Макфакс“