За пошироко вклучување на младите во процесите за креирање на младински политики на национално ниво, Коалицијата на младински организации СЕГА, во соработка со Младинскиот форум ОКО,  денеска ќе организира јавна дискусија на тема: „Закон за млади – да го вратиме во собраниска процедура!“ Јавната дискусија ќе се одржи во големата сала на општина Струга.

-Целта на дискусијата е да се добие мислење од младите луѓе, како и да се приберат забелешки и ставови на младите по однос на предлог текстот на Законот за Млади, со цел да се подобри неговата содржина во интерес на младите и да се обезбеди негово враќање во собраниска процедура, велат од Коалицијата на младински организации СЕГА.

Од таму нагласуваат дека иницијативата за враќање на предлог Законот за млади во собраниска процедура, во изменета верзија е неопходен чекор за подобрување на состојбата на младите во Република Македонија

Предлог Законот за млади на Република Македонија беше повлечен од собраниска процедура во октомври 2011, со одлука на Владата на Република Македонија, по реакција на граѓански организации кои тврдеа дека предлог законот е донесен нетранспарентно и не ги брани интересите на младите.

Инаку ваква јавна дискусија беше одржана вчера и во Охрид.

OhridNews