
На настанот ќе бидат презентирани резултатите од „Акционото истражување во наставничка канцеларија“, спроведено од педагогот Славица Илиќ по што ќе следи работилница на која ќе присуствуваат наставници и стручен кадар и од други охридски училиштаи преставници од општината. На презентацијата ќе бидат споделени методите и практиките кои се применуваат за сензибилизација на типичните ученици. По презентациите ќе се одржи дебата на тема „Самостојни иницијативи, проектни активности и акциони истражувања во училиштата во функција на подобрување на клима, култура и емпатија кон лицата со различности “.
Целта на проектот „До инклузивност со соработка“ е да ги промовира методите за успешно практикување на инклузивното образование во ООУ „Св. Климент Охридски“ во Охрид. Станува збор за единствено училиште во општината кое е верифицирано за изведување на воспитно-образовна работа за деца со посебни образовни потреби уште од 1967 година. Поради позитивните резултати постигнати низ годините, ова училиште беше детектирано од тимот на здружението „СИНАТА ПТИЦА “ како позитивен пример за инклузија од кој би можеле да црпат искуства и другите училишта. Како сведоштво за добрите практики, големиот ентузијазам, долгогодишните напори на многу поединци и професионалци, во градење на една навистина инклузивна клима за сите ученици ќе биде снимен кус документарен филм кој ќе биде промовиран во текот на мај 2018 година.
OhridNews











