На 19 Јули, во Општинската сала во Охрид, со почеток во 10 часот ќе се одржи Јавна расправа, организирана од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија и Секторот за животна средина.
На јавната расправа ќе биде претставена Студијата за оцена на влијанието врз животната средина(ОВЖС) за Југозападниот регион (Охрид, Струга, Вевчани, Дебар и Центар Жупа), која беше подготвена во рамките на проектот „Подготовка на потребни документи за воспоставување на интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во Пелагониски, Југозападен, Вардарски и Скопски регион EuropeAid/136347/IH/SER/MK“, проследена со претставување на студија на изводливост од страна на клучните експерти и дискусија со сите засегнати страни.
Јавна расправа на која ќе биде претставена Студијата за оцена на влијанието врз животната средина, за Интегриран систем за управување со цврст отпад, Југозападен регион: Дебрца, Кичево, Пласница и М. Брод, на 18 Јули ќе се одржи и во Ресторан Еко Петрол во Дебрца, со почеток во 11 часот.
Цел на јавните расправи ќе биде конструктивна дискусија за влијанијата на Интегрираниот систем за управување со отпад врз животната средина. Граѓаните ќе имаат можност да поставуваат прашања и да добијат стручни одговори од страна на експертите, а исто така и да дознаат повеќе за предностите кои ги носи воспоставувањето на ваков вид системи за управување со отпад.
Проектот е инициран од Министерството за животна средина и просторно планирање во рамките на ИПА, доделен од Секторот за централно финансирање и склучување на договори (ЦФСД) при Министерството за финансии и спроведен од страна на ENVIROPLAN S.A и неговите конзорциумски партнери, LOUIS BERGER – BiPRO GmbH – EPEM S.A. – SLR Consulting Limited.
Целта на Проектот е да се постигне Интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во Пелагонискиот, Југозападниот, Вардарскиот и Скопскиот регион и да се подобри животниот стандард на приближно 1.200.000 жители кои моментално годишно произведуваат 330.000 тони отпад.
OhridNews












