На денешното продолжение од 40- та седница на советот, најдолга расправа се водеше околу предлог одлуката за усвојување на финансискиот извештај на РЕ „Водовод“ Охрид за периодот од 01.01. до 30.06.2011 година.

– Како советничка група на ВМРО- ДПМНЕ укажуваме дека финансиската состојба во Р.Е. Водовод е катастрофална и се бележи зголемување на финансиската загуба за 300% споредено со истиот период минатата година. Тоа укажува дека претпријатието наместо да ги решава проблемите, прави нови загуби. Локалната самоуправа проблемите на јавните претпријатија  ги решава со формирање на други претпријатија и со тоа само ги продлабочува проблемите, потенцира Јованка Дамоска од ВМРО- ДПМНЕ. Според неа, состојбата во јавните претпријатија ќе се подобри доколку дојде до промена во менаџерскиот тим и со реорганизација на работењето.


– Точно е дека се бележи загуба во работењето на претпријатието, но факт е дека загубите во голем дел се пренесени од изминатите години. Се прават мерки за санација за излез на претпријатието од ваквата состојба, за која е потребна подршка од охридските и струшките советници, рече директорот на МЈП Проаква, Игор Блажески, кој напомна дека состојбата е сложена и поради тоа што станува збор за меѓуопштинско претпријатие, чиј дел е и Р.Е. Водовод.

Како што потенцира советникот од СДСМ, Томислав Тунтев, за работата на меѓуопштинското јавно претпријатие не може советот на Охрид да ја сноси целата одговорност.

– Ние никого не амнестираме од одговорност, само сме свесни за причините кои довеле до ваквата состојба, од кои најголемиот дел се објективни. Извештајот е реален, се предлагаат санациони мерки  кои би требало сите ние како советници да ги разгледаме и создадеме услови за спас на претпријатието како сервис на граѓаните, рече Тунтев.

По расправата со мнозинство гласови, шестмесечниот финансиски извештај на РЕ „Водовод беше усвоен.

Советниците меѓу останатите точки од дневен ред, усвоија и неколку извештаи за реализација на програмите од комуналната сфера, предлог одлуката за усвојување на извештајот за реализација на програмата за потикнување на развојот на туризмот на општина Охрид за периодот од 01.07. до 30.09.2011 година, извештајот за реализација на програмата за подршка на локалниот економски развој на општина Охрид за истиот период, извештаите за реализација на програмата за изработка на урбанистички планови, за работата на општинскиот инспекторат, како и извештаите од работењето на ЈП Градски Гробишта“ , ЈП Градски Пазар, ЈП „Погребни услуги“  и ЈП „Охридски Комуналец“.

Советниците донесоа и неколку предлог одлуки за нацрт урбанистички решенија.

OhridNews