Во Министерството за транспорт и врски денеска треба да се одржи јавно наддавање за продажба на околу 15 000 метри квадратни атрактивно земјиште во Горица во наменето за изградба на луксузен хотел.

Државата на продажба стави 160 локации, од кои три се во Охрид. На една од нив предвидено е да се изгради елитен хотел, за што на претходно распишаните тендери немаше интерес од странските инвеститори. Поради тоа владата ги намали критериумите за продажба на атрактивното државно градежно земјиште во Охрид, за кое сега ќе може да конкурираат хотелски синџири кои поседуваат минимум 5 хотели. Оваа локација се наоѓа во комплексот Горица, веднаш до хотелот „Инекс“. Таа е  влезена во Деталниот урбанистички план за крајбрежјето и не постои правна пречка за нејзина продажба.

Како што претходно најави министерството, почетната цена за наддавање е 9.500 денари за метар квадратен. Учесникот кој ќе понуди највисока цена ќе биде избран за најповолен понудувач. Клучен услов ќе биде објектот да биде изграден во рок од 24 месеци од добивањето на дозволата за градба која пак треба да биде издадена најдоцна шест месеци од склучувањето на договорот за отуѓувањето на земјиштето.

Ohridnews