Претставниците на ЗНМ, ССНМ и МИМ денеска ги повикаа новинарите и медиумските работници на протест заради нетранспарентниот начин на водење на разговорите за медиумите.
-Сакаат да одлучуваат за судбината на новинарите без да водат сметка за нивните интереси. Овде се одлучува дали ќе имаме слободни и професионални медиуми или контролирани – пропагандна машинерија во рацете на политичките партии. Сакаме пред јавноста да ги прашаме претставниците на четирите политички партии зошто се противат на вклучување на претставниците на новинарите и на медиумите во разговорите? Што е толку страшно во нивните предлози што не сакаат да ги споделат со нас и со јавноста? ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА имаат обврска да објаснат на јавноста, какви решенија договарат за медиумите?, стои во заедничкото соопштение на новинарските здруженија.
Во него се повикуваат претставниците на Европската унија и на САД, кои се гарантори на договорот од Пржино, да не дозволат овие политички партии зад грбот на новинарите да шверцуваат решенија за медиумите, кои не се во согласност со европските стандарди.
-Ако малку ја почитуваат Македонија и нејзините граѓани не треба да поддржат одлуки за медиумите кои нема да помогнат Македонија да биде послободна, подемократска и поевропска. Остануваме на барањето да се вклучиме во разговорите, новинарите, медиумите и јавноста – имаме право да знаеме!, се потенцира во соопштението.
OhridNews