Најголем дел расправата на денес започнатата 52- ра седница на советот на општина Охрид, се однесуваше на предлог-одлуката за отпочнување на постапката за потпишување договор за јавно-приватно партнерство за реконструкција, модернизација и одржување на јавното осветлување.

Како што беше кажано од страна на советничката од ВМРО- ДПМНЕ, Јованка Дамовска- Секулоска, локалната самоуправа упорно се обидува да ја истурка предлог- одлуката за јавно приватно партнерство, што според неа воопшто не е исплатливо решение.

– Ваквите предлог- одлуки за инвестирање во проекти по пат на јавно приватно партнерство се економски неефикасни, при што бенефитот ќе го користат и други страни. Многу подобро би било доколку за реализација на ваквите проекти се обезбедат средства од меѓународни фондови до кои би требало да аплицира општината, рече Дамовска- Секулоска.

Претставникот на предлагачот, Бранко Трпчевски, потенцира дека од реализацијата на проектот преку јавно-приватно партнерство пред се корист ќе има општината.

–  Работиме според позитивните законски регулативи. Општина Охрид е една од ретките што има доставено ваков проект до надлежните во насока на заштеда на енергија. Добро ќе беше доколку општината  имаше четири милиони евра за реконструкција и модернизирање на јавното осветлување, рече Трпчевски.

Предлог одлуката со 12 гласа за и седум против беше изгласана.

Советниците едногласно ја усвоија предлог одлуката за усвојување на елаборатот за проценка на штета од град проследен со силен ветар и дожд во општина Охрид на ден 10 август 2012 година.

Годишните извештаи од работењето и извештаите за материјално финансиското работење на основните и средни училишта беа изгласани со мнозинство гласови, при што советничката група од ВМРО- ДПМНЕ гласаше воздржано.

Советниците ги усвоија годишните програми  за работа на училиштата, предлог Одлуката за давање согласност за зголемување на бројот на воспитни групи на деца во детската градинка ЈОУДГ ” Јасна Ристеска”, како и предлог одлуката за усвојување на насоките за безбедни училишта во учебната 2012-2013 год.

По барање на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ седницата беше прекината. Датумот на одржувањето на продолжението од 52- та седница дополнително ќе биде утврден.

Т. К.