Во катедралната црква Св. Софија во Охрид, денеска со црковни свечености беше хиротонисан новиот владика на Македонската православна црква. Јеромонахот Јосиф од Бигорскиот манастир е хиротонисан во викарен владика на Архиепископот Охридски и Македонски Г.Г. Стефан во Скопската епархија. Јосиф Велички е дванаесеттиот владика на Светиоат архиерејски синод на МПЦ.

Честитки до новоизбраниот владика упати поглаварот на МПЦ, кој на викарниот владика Јосиф Велички му го предаде архиерејскиот жезол.
-Со твојот избор Владико, Скопската епархија на МПЦ доби викарен, помошен епископ, а ние веруваме ќе имаме топол помошник каков што ни требаше. Веруваме ќе бидеш епископ најблизок соработник на великиот пастироначалник, ќе се покажеш епископ достоен и беспрекгорно работлив, кој верно ќе го проповеда словото на вистината, истакна архиепископот Стефан.

Заблагодарувајќи се на укажаната доверба и чест, викарниот владика Јосиф, пред членовите на Светиот архиерејски синод и верниците даде ветување дека ќе ги почитува светите правила и ќе и служи на МПЦ и народот.
Лојално и верно ќе служам на македонската црква, ќе ги почитувам каноните кои ги донеле вселенските собори, доколку тоа не го почитувам, истиот Синод кој ме прогласи за владика може и да ме разреши, рече новоименуваниот владика на МПЦ Јосиф Велички.

Изборот на новиот владика му го честиташе и Митрополитот Дебарско – кичевски г. Тимотеј, кој рече дека на денешниот чин се радува целата црква.
-Се радуваме бидејќи ние веќе старееме ќе дојдат нови сили кои што ќе не заменат, ќе го продолжат тоа дело како што ние го продолживме на нашите претчественици, тие ќе го продолжат нашето дело што ние денеска го изодуваме, изјави митрополитот Тимотеј.

На крајот од октомври МПЦ ќе го добие и тринаесеттиот владика. Архимандритот Јосиф од манастирот Калишта, ќе стане викарен владика на митрополитот Полошко-кумановски Кирил.
Горан Момироски