На свеченост што се одржа вечерва во куќата на Уранија, на големото име на чешката и светската кинематографија Јиржи Свобода, му бeше врачена Светската награда за хуманизам за 2017 година, што ја доделува Охридската академија на хуманизам.

-Од моментот кога дипломирав на прашката филмска академија и добив прилика да снимам прв игран филм, се трудев да ги искажам од свој агол на гледање кон добро и кон зло, кое мирува во корените на човекот, кое од време на време ќе заборави на ипресивната човечка големина, опишана во делата на Платон и Аристотел, во тимпаните на хеленските храмови, создадени од Фидија, и повторно од него станува некултурно животно, безмилосно кон страдањата на блиските. За големото добро, храброст и верност во себе, вредности наспроти кои стои желба за моќ, недоверба во било што, кои имаат вистински, морален и духовен размер, е и мојот филм за големиот чешки мислител, Јан Хус, кој минатата година го претставив на фестивалот во Скопје.  Ви благодарам за честа, која дава смисла на пораката на хуманизмот која јас ја гледам како обврска кон иднината. – рече лауреатот Јиржи Свобода.

Наградата ја додели градоначалникот на општина Охрид Никола Бакрачески.

– Доделувањето на ова високо признаие има посебна димензија, зошто се случува во предвечерието на големиот празник „Богојавление -Водици“ и еден месец по чествувањето на 1.100 годишнината од упокојувањето на Свети Климент Охридски, великиот сесловенски учител, простветител, мисионер, духовник, прв епископ меѓу јужните Словени и основоположник на прочуената Охридска книжевна школа. Исклучителниот животен и творечки опус на Јиржи Свобода,чија уметничка круна беше остварена минатата година со филмското ремек-дело посветено на Јан Хус, го вброи меѓу големите имиња на светската хуманитарна мисла. Јиржи Свобода, заедно со добитниците на престижната награда на Охридската академија на хуманизмот од минатите години, од вечерва е дел од богатата духовна меморија на Охрид, градот на вечно живите македонски просветители Св. Климент и Св. Наум, ученици на апостолите на сесловенската култура и заштитници на Европа. – рече во своето обраѓање градоначалникот Бакрачески.

Како што истакнаа од Охридската академија за хуманизам, чиј основач и претседаел е Јордан Плевнеш, Свобода се вбројува меѓу големите имиња на светската хуманистичка мисла кои изминативе години ја збогатија духовната меморија на Охрид, градот на вечно живите македонски просветители Св. Климент и Св. Наум, ученици на апостолите на сесловенската култура Св. Кирил и Методиј, заштитници на Европа.

– Ви честитам за сета Ваша животна и творечка одисеја, за сите Ваши историски, политички и духовни искушенија во кои ја создававте Вашата креативна биографија, низ сите мракобесни премрежија на дваесетиот век кои продолжуваат и во првите децении на третиот милениум, по обидот на Исуса Христа, Спасителот на светот, да го спаси во основа неспасливиот свет, овде во овој свет град, словенскиот Ерусалим, Ви пожелуваат вечно живите светци на Македонија Св. Климент и Св.Наум. Тие ја држат во нивните блажени раце Охридската школа на хуманизмот. – рече Јордан Плевнеш.

На свеченоста присуствуваше Мирослав Рамеш – амбасадор на Република Чешка во Македонија.

– Имаме многу заеднички историски врски, особено во културата и затоа, со посебен пиетет, ги чествуваме заштитниците на Европа – Светите Кирил и Методиј и нивните следбеници Светите Климент и Наум Охридски. Нивното дело не врзувало во минатото, а е темел за успешна соработка во иднината.- рече амбасадорот Рамеш.

Од востанувањето во 2007 година, Светската награда за хуманизам е доделена на великаните на интернационалната хуманистичка визија, како што се Даисаку Икеда (Јапонија), Мануел Де Олвеира (Португалија), Александр Солжењицин (Русија), Рави Шанкар (Индија), Питер Брук (Велика Британија), Херта Милер (Германија), Џон Ралстон Саул (Канада), Светлин Русев (Бугарија), Вида Огњеновииќ (Србија), Дарко Гашпаровиќ (Хрватска). 

На свеченоста, на проф. д-р Никола Бошале, му беше доделена повелба за почесен член на Охридската академија на хуманизмот. Во негово име повелбата ја прими ликовниот уметник Славко Упевче, кој на академијата ија  подари оргиналната насловна страница од книгата на Бошале, посветена на Св. Климентовата школа на хуманизмот.

OhridNews