Затворањето на експозитурите на „Охридска банка“ во Т.Ц. „Амам“ и „1-ви Мај“ во Охрид, е дел од реорганизацијата на системот на експозитури, што се прави во интерес на граѓаните и клиентите, вели во изјава за „OhridNews“ Јитка Пантучкова, претседател на Управниот одбор на „Охридска банка“. Таа посочува дека банката по влезот на „Сосиете Женерал“ постојано ја развива својата мрежа на експозитури во Македонија, како и дека постои идеа за трансфер на седиштето на „Охридска банка“ во главниот град.

“Во изминатите пет години, од влезот на Сосиете Женерал во Македонија, мрежата на експозитури на Охридска банка се зголеми од 13 на 28 експозитури, односно Банката инвестираше во 15 нови експозитури во Македонија. Минатата недела свечено го одбележавме отворањето на новата експозитура во Гевгелија, а ги зајакнуваме позициите и во останатите 15 градови. Со ова ги потврдуваме нашите напори да го развиваме брендот на Охридска банка од локален во национален, што претставува еден од клучните принципи на Сосиете Женерал Групацијата.

Реорганизацијата на мрежата на експозитури е еден од стратешките приоритети на Охридска банка, вклучувајќи ги и експозитурите во Охрид. Минатата година Охридска банка ја пренесе и целосно ја релоцираше експозитурата 1 Мај во Дирекцијата во Охрид, а неодамна ја затворивме експозитурата Амам со цел да постигнеме интегрирана услуга за нашите клиенти во Охрид. Со ова ја реорганизираме филијала Охрид на тој начин што отсега индивидуалните и корпоративните корисници ќе ги опслужува преку три експозитури: главната експозитура во зградата во Дирекција, Медицински центар и Минимаркет. Притоа уверуваме дека и понатаму ќе продолжиме да обезбедуваме висок степен на услуга и квалитетен комерцијален пристап за нашите клиенти кој темели на нормативните стандарди на Сосиете Женерал.

Во своите активности и во резултатите Охридска банка се води од развојот на македонската економија во целост со поддршка на потребите на клиентите ширум земјата. Идејата за трансфер на седиштето на Банката од Охрид во главниот град преовлaдува од преземањето на Банката од страна на Сосиете Женерал.”-изјави Јитка Пантучкова, претседател на Управниот одбор на „Охридска банка“.

Како што веќе информиравме „Охридска банка“ неодамна го продаде деловниот простор во ТЦ „Амам“ за 700.000 евра, а на продажба е и деловниот простор на банката во поранешната стоковна куќа „1 Мај“, за кој е распишан втор оглас. Банката овој имот го проценува на 1,7 милиони евра.

По купувањето на „Охридска банка“ од страна на групацијата „Сосиете Женерал“, дел од менаџментот на банката се пресели од Охрид во Скопје.

OhridNews