Извршените анализи покажуваат дека иако големо влијание има секој од наведените фактори, во последните години како најчесто застапен се јавува стресот. Практикувањето на јога може во голема мера да придонесе во превенцијата на ваквите заболувања, токму преку јакнење на психолошкиот имунитет во однос на доживувањето на стресот.
За значењето и ефектите од примената на јогата врз кардиоваскуларниот систем, се зборуваше на синоќа одржаната работилница во општинскиот Црвен крст, на која предавање одржа професорот по јога, Ванчо Тасески.
– За да се има добро здравје не треба многу да се направи. Доволно е да се биде релативно физички активен, добро да се спие, а при тоа значајна е и здравата храна и психолошкиот имунитет во однос на доживувањето на стресот, каде практикувањето на јога значајно влијае во јакнењето на овој дел, истакна Тасески.
Јога вежбите веќе две децении се дел од програмата за рехабилитација и на пациентите во Заводот за кардиологија во Охрид. До сега над 1500 од нив стекнале вештина и знаење како да се справат со болестите и како да си го олеснат животот преку јога вежбите.
– Со оваа програма се активира телото без дополнително оптеретување на срцето, се подобрува циркулацијата на крвта, се олеснува и подобрува работата на кардиоваскуларниот систем, се учи како да се подобри психичката и физичката релаксација, се подобрува процесот на дишење, се зголемува отпорноста кон стресот, се учат основите на свесно пешачење за зголемување на физичката и психичката издржливост, координација на движење и дишење и зголемување на кондицијата., објаснува професорот по јога, Тасески.
Во рамки на предавањето беа истакнати и основните принципи и техники кои се користат при јога вежбите.
Настанот се одржа во заедничка организација на Црвен Крст – Охрид и Јога секцијата која во Охрид работи од 1990 година.