Што подобро преставување на ЕП во Данска и пласман во главната фаза се целите на австрискиот ракометен национален состав кој по втор пат ќе се најде во завршницата на континентален собир. Австрија на ЕП ќе игра во групата во Хернинг со Македонија, домаќинот Данска, и Чешка.


– Нашата група не е воопшто лесна, сигурно според рејтингот сме меѓу најслабо рангираните селекции, но и низ квалификациите покажавме дека знаеме да играме ракомет, и очекувам истото да го повториме и во Данска. Сите ракометари добија шанса и пред генералната проба против Египет ќе донесам одлуката кој ќе отпадне од списокот. Постигнавме солидни резултати во подготовките, победувајќи ја Германија и Русија. Имаме добра екипа, мотивирани сме да оствариме добар резултат во Данска – вели селекторот Патрекур Јоханесон.

Според него групата во која играат на ЕП е изедначена. Ги респектираат за сите ривали. Во првата фаза играат против Чешка (12 јануари), потоа со домаќинот Данска (14 јануари) и на крај со Македонија (16 јануари), меч кој може да биде одлучувачки која репрезентација ќе се пласира во главната фаза.

– Првиот меч против Чешка ќе биде тежок, секој меч на отворањето е тежок, се надевам дека ќе бидеме подготвени, и ќе играме добар ракомет. Не знам дали мечот со Македонија ќе биде решавачки, но сметам дека на мечевите со Чешка и Македонија шансите ни се 50-50. Данците се домаќини, и се сигурно едни од фаворитите не само во нашата група туку и за освојување на златниот медал – смета Јоханесон.

Македонија и Австрија играа во ланскиот бараж за пласман на СП. Во двомечот Македонија беше поуспешна.

– Имам голем респект за тимот и за Kире Лазаров, кој е еден од моите омилени играчи. Но, Македонија не е само Лазаров, имаат уште неколку квалитетни играчи, како Стоилов, потоа Миркуловски. Штета за Македонија што нема да играат Мојсовски и Филип Лазаров кои се исто така квалитетни ракометари – вели Јоханесон.

Kапитенот на селекцијата Виктор Шилаги кој во подготовките мака мачеше со повредите, сепак ќе биде меѓу седумтемина кои ќе го започнат мечот против Чешка.

– Самиот пласман меѓу топ-16 на овој собир е голема работа. Нашата наредна цел е да оствариме пласман во главната фаза. Но, за тоа да се случи мора да бидеме 100 отсто фит и да влеземе во мечевите максимално концентрирано. Имаме квалитет да го направиме тој чекор напред – истакна Виктор Шилаги капитенот на селекцијата.

Австриските ракометари се уверени дека може да ја победат Македонија.

– Мислам дека може да ја совладаме Македонија. Тие го имаат Kирил Лазаров кој е еден од најдобрите играчи на таа позиција, секако во тимот има уште неколку добри ракометари кои играат на високо ниво, но Лазаров е најголемата опасност. Ние веруваме во нашите можности и против сите противници ќе го дадеме максимумот – вели крилото Роберт Вебер.

За Австрија ова е второ учество на континенталниот собир. Првпат учествуваа во 2010 година кога беа домаќини на шампионатот и завршија на 9. место. Во квалификациите го освоија второто место во седмата група зад Србија, а пред Русија и БиХ.

 

М.П.